Свет
21. August 2023 - 13:58

Над 6.000 луѓе загинале летово во Шпанија поради високите температури

Во Шпанија летово поради високите температури починаа повеќе од 6.000 луѓе, од кои повеќето се стари и болни, како и оние кои немаат средства да се заштитат од екстремните горештини.

Најмалку 12.000 луѓе загинаа во Шпанија минатото лето поради високите температури, според здравствениот институт „Карлос III“ и Националната метеоролошка агенција.

Високите температури особено им се закануваат на постарите од 80 години, како и на посиромашните делови од населението кои немаат средства да набават клима уреди, објави „Ел Паис“.

Според податоците на порталот за недвижности „Idealista“ за оваа година, 38 отсто од шпанските домови имаат клима уред, што е за два отсто повеќе од една година порано.

Дури и во најжешките шпански провинции, речиси една третина од населението ги нема овие климатизери: во Кордоба 72 отсто од домовите ги имаат, во Севиља 71 отсто и во Мадрид 60 отсто.

Пациентите со кардиоваскуларни болести како и оние со респираторни проблеми, како и бубрежните, хипертироидните, невролошките и психијатриските пациенти се изложени на зголемен ризик од високи температури.