Македонија
8. July 2024 - 21:17

Над 40 основни училишта се затвориле во изминатите пет години

За пет години над 40 основни училишта во Македонија ставиле клуч на вратите. Само во последнава година згаснале 11 основни школи, од кои седум приватни. Во овој период од пет години се затвориле и три средни училишта. Бројот на ученици пак, од година во година се намалува и во основните и во средните училишта. 

Масовното иселување од Македонија е причина за се помалиот број на ученици и целосното затворање на училишта, според директорот на ДЗС, Апостол Симоски. Наталитетот во земјава е се помал, а се повеќе млади брачни парови си одат во странство. Ова претставува закана за целиот систем. 

Најголемиот дел од училиштата кои се затвораат се во руралните средини, но под закана се уште многу дека ќе се затворат поради тоа што нема ученици, а по неколку одделенија учат во една иста паралелка. Селата ќе изумрат доколку нема училишта и млади во нив, смета претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Друг проблем за згаснувањето на училиштата би бил наставниците кои има можност да останат технолошки вишок.

Се поголемата закана за затворање на училишта но и намалување на паралелките во нив, придонесе СОНК заедно со Министертвото за образование, да водат разговори ниту еден наставник да не остане без работа, туку да биде регрутиран во истото училиште и да предава друг предмет или училишни активности активности, или пак да биде преместен во друго училиште.