Над 15 000 средношколци утре ќе го полагаат првиот екстерен испит од државната матура
Над 15 000 ученици во завршна година од средното образование утре ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита од годинашната државна матура – мајчин јазик и литература, кој е задолжителен за сите матуранти.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за државна матура годинава се пријавени 15 004 кандидати. Од нив, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.
За утрешниот прв екстерен испит пријавени се 9969 ученици за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.
Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни. Како и во минатите години, и на оваа државна матура најголем број избрале да полагаат англиски јазик (13 457 ученици).
За тестот по математика се пријавиле 1246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 - француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има седум кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик.
За надгледување на испитниот процес, ДИЦ и оваа година ќе ангажира околу 2000 тестатори.
Испитите ќе се полагаат во училиштата доколку исполнуваат услови согласно Правилникот за организирање државна матура, а за учениците од училишта кои немаат такви услови, обезбеден им е простор во амфитеатрите на факултетите. ДИЦ на веб-страницата ги објави локациите за полагање на државната матура во јунскиот испитен рок.
Матурантите кои во јуни нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе можат да полагаат во августовската сесија – на 12 август е испитот по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а на 14 август е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика).
Ново на Сител
-
Ана Брнабиќ: Со усвојување три медиумски закони, Србија ќе добие закони целосно усогласени со оние на ЕУ
-
Утре топло со температура до 38 степени
-
Скопјанец приведен во Кавадарци поради агресивно и недолично однесување
-
Жител на Пепелиште пријавил напад од три лица, напад и врз неговите родители и бабата
-
Приведен 58-годишен маж од Кавадарци, возел со 2,13 промили алкохол во крвта
-
Елмас: Може да жалиме што не ја победивме Белгија
-
Синер убедливо го победи Ѓоковиќ и се пласираше во финалето на Ролан Гарос
-
Приведен криминалец од Штип за доиздржување затворска казна од 11 години и осум месеци