Балкан
26. April 2017 - 9:49

Над 10.000 лица протестираа во Белград

Во синоќешниот протест во Белград под мотото „На патеката на фантомите“, организиран од иницијативата „Не го даваме/давиме Белград“ учествуваа над десет илјади граѓани, пишува белградскиот весник „Данас“. 

На „протестот против диктатурата“ граѓаните бараа одговорност за уништувањата во реонот Савамала и бараа смена на актуелната спрска власт. 

Синоќа беше одбележана годишнината од незаконските рушења на објекти во рамките на проектот „Белград на вода“, каде незадоволните студенти, работници и други граѓани по 23. пат извикуваа „Вучиќ е крадец“. 

Кон „протестот против диктатурата“ на српските студенти, синоќа се приклучија и Воениот синдикат на Србија, Полицискиот синдикат на Србија, Независниот синдикат на вработени во образованието на Војводина и Независното здружение на невработени во Србија. 

Заменик-раководителот на  парламентарната група на Српската прогресивна партија Владимир Орлиќ изјави дека е целосно јасно оти во позадина на таканаречените „спонтани протести“ стојат политички структури и пред се кандидатот за неодамешните претседателски избори во Србија Саша Јанковиќ (поранешниот омбудсман на Србија), но и други кандидати. 

Претседателот на парламентарната група на Социјалистичката партија на Србија Ѓорѓе Миличевиќ наведе дека веќе е целосно јасно кој стои зад протестите и кој се обидува на тој начин да предизивка политичка криза и нестабилност во Србија.