Македонија
12. јуни 2025 - 16:34

Над 100 од повредените во Кочани ја контактирале Владата – доставиле предлози и барања за нивниот процес на опоравување

За три дена над 100 од повредените во кочанската трагедија и нивни семејства ја контактирале Владата и кажале што им треба во процесот на опоравување. На телефонскиот број 070/355-526 кој е во директна комуникација со канцеларијата на премиерот, дел од нив побарале пулмолози да доаѓаат во Скопје наместо повредените да одат на контроли во Скопје. Други посочиле на можноста неопходните масти и завои да ги има во болницата а не да се шетаат и да ги бараат по аптеките. 

-Кога ги примаме таквите предлози веднаш ги проследуваме до здравствените власти за тие да најдат механизам дали е возможно да се пренесе и опремата и пулмолози и да бидат достапни во кочанската болница. Најчестите барања се за медицинската нега што е во моментот но и што ќе им треба за понатаму, вели Марија Митева, портпарол на Влада. 

Од утре почнува и реконструкцијата во кочанската болница која ќе стартува со одделението за физикална терапија а лекарски тимови ги прават и последните подготовки за рехабилитацијата на Пониква.  

-Првата група што ќе стартува се повредените кои веќе одат на физикална во Штип и Кочани а исто така ќе имаме и пациенти кои имале само изолирана инхалаторна повреда. Нема да изоставиме никој, ќе бидат комуницирани сите и на сите ќе им биде понудено, вели д-р Катерина Мирчовска, директор на болница во Кочани.  

Речиси е завршена и евалуацијата на сите кои беа повредени во пожарот и според лекарските проценки се поделени во пет групи според степенот на повреди. Во првата се оние со лесни а во петтата со најтешки повреди. 
-Кај повредените, освен со изгореници имавме пациенти со инхалаторна повреда и да не ја изоставиме психолошката траума. Според класификацијата и групите, тие во 4 и 5та очекуваме дека ќе им треба продолжено лекување а кај дел од нив и оперативен третман, особено тие во 5 та група, вели д-р Гордана Георгиева, од Клиника за пластична хирургија. 

Во моментот на физикална терапија во кочанската болница одат 45 од повредените. Три месеци по трагедијата, пет пациенти се уште се на лекување во странство.