Началник од граничниот премин Блаце снимен како прима поткуп - внатрешна контрола проверува
Началник на полиција фатен на дело како зема мито од патници за минување на граничниот премин „Блаце“.
Случајот во јавноста го обелодени ТВ Клан-Албанија, откако анонимен превозник на патници се пожалил дека услугата што треба да е бесплатна, некои граничари на македонско-косовската граница ја наплаќале по 20 евра од човек. Вели дека имале многу проблеми со македонската гранична полиција. Според неговите тврдења, претходно тарифата била 50 евра, а сега 20 евра за превезен патник.
Екипа на Клан-Албанија со скриена камера сними како граничната полиција и од нив бара по 20 евра од човек за да минат границата без проверка на документите.
Од МВР велат дека внатрешна контрола го истражува случајот, што треба да открие дали можеби се вклучени повеќе лица.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР уште од ноќеска во координација со надлежното обвинителство постапува во врска со овој случај за земање мито од страна на полициски службеници и по расќистување на случајот соодветно ќе ја информираме јавноста“, вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
За началникот на полицијата, кој зема мито за минување граница јавуваат и медиумите од регионот.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
