Македонија
2. March 2018 - 17:19

Набиените агенди на Коѕијас и Димитров причина зошто грчкиот министер се уште не дошол во Скопје

Најавена за крајот на февруари, па за почетокот на март, но посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас се уште не е договорена. Според информации на Сител, посетата на Коѕијас е сигурна, но, кабинетите на двајцата министри се уште го договараат терминот, поради пребукираност на нивната агенда.

Се уште не е сигурно, ниту  дали нацрт-договорот подготвен во Атина ќе биде претходно доставен до македонската влада или лично ќе го донесе Коѕијас, со првиот лет по 12 години на преименуваниот аеродром Скопје.

Вчера и премиерот Заев, потврди дека сите опструкции за таков чекор на Коѕијас се отстранети.

Портпаролот на грчката влада, пак на денешниот брифинг изјави дека позицијата ,,ерга омнес‘‘, за Грција е достоинствено решение.

- Грчката влада има изјавено кои се преговарачките позиции со кои настапува во конкретните разговори. Потребно ни е едно сложено име, кое ќе биде за сите употреби и ќе важи за сите. Мислам дека врз основа на оваа рамка, може да се најде достоинствено, одржливо и заемно прифатливо решение за кое сите работиме, рече Димитрис Ѕанакопулос.

Во Грција, пак продолжуваа меѓусебните обвинувања помеѓу власта и опозицијата за процесот на преговори во спорот за името.

Шефот на опозициската Неа Демократија, Киријакос Мицотакис, уште еднаш обвини дека владата го поделила народот и секој кој се спротивставил на договорот е оценет како ултра-десничар. Мицотакис смета дека Ципрас на почетокот на преговорите не побарал промена во македонскиот устав и дека сега е осамен, а прозорецот на можности се затвора

Интересни гласини објави Та Неа.

Според весникот, доколку се постигне договор со Скопје, Грција ќе мора да и дозволи на Македонија да влезе во Алијансата на Самитот во јули. Согласно протоколот, грчкиот Премиер е придружуван од министрите за надворешни работа и за одбрана. Но, доколку Каменос одбие да го признае договорот за името со вклучен термин ,,Македонија‘‘, тогаш во Брисел на негово место ќе патува новиот заменик-министер за одбрана Фотис Кувелис, кој и ќе присуствува на министерската средба. За таа намена, Кувелис претходно го подготвил теренот, со тоа што јавно се согласил со сложено име, се разбира со вклучен термин Македонија и ги осудил протестите во Солун и Атина.