Македонија
1. јуни 2019 - 10:14

На традиционалниот Пролетен крос во Кочани повеќе од 600 учесници

Во организација на Сојузот за училишни спортови од Кочани и Локалната самоуправа денеска по деветти пат се одржа Пролетниот крос за учениците и здруженијата на граѓани од општината, а на кој учествуваа околу 600 натпреварувачи во повеќе возрасни категории.

Најмасовно беше учеството на учениците од основните и средните училишта, а се вклучија и повозрасните, членовите на Здружението на пензионери, како и претставнички од кочанскиот огранок на Здружението „Борка“.

– Единствена цел на манифестацијата е да се подобри спортскиот дух кај населението, особено кај помладите, а како придобивка е здравиот начин на живеење, без оглед што тоа се прави на рекреативна основа. За првпат годинава во рамки на Пролетниот крос, а во знак на поддршка на физичката активност за одржување на човечкото здравје, реализиравме симболична трка за поддршка на женското здравје на која ни се придружија педесетина членки на кочанскиот огранок на Здружението за борба против канцер „Борка“. Победници на натпеварот се сите учесници, затоа што успеавме да привлечеме огромен број натпреварувачи, но и граѓани рекреативци кои дојдоа да ни дадат поддршка, истакна Зоран Андонов, претседател на Сојузот на училишни спортови од Кочани.

Како дел од редовните училишни спортски активности, претходно наставниците по физичко и здравствено образование реализираа подготвки на кои беа селектирани учениците со најдобра кондиција за учество на манифестацијата.

Пролетниот крос се одржа на стадионот „Никола Мантов“, а градоначалникот Николчо Илијев потврди дека тој ќе остане традиционална спортско-рекреативна манифестација. На победниците во секоја од возрасните категории им беа доделени дипломи и медали.