Македонија
1. April 2025 - 16:35

На сметките на пензионерите легнаа повисоки пензии за 2.500 денари

На сметките на над 340 илјади пензионери легнаа повисоки пензии за 2.500 денари со што практично тие го добија најавеното линеарно зголемување од вкупно 5.000 денари. Со ова, минималната пензија во државата станува 18.192 денари, просечната пак, веќе е на 60% од просечната плата и изнесува 26.211 денари. Пензионерите задоволни, велат ова е показател за подобрување на материјалниот статус на корисниците.

- Битно е дека ова зголемување овозможува да се подобри и соодносот меѓу просечниот износ на пензијата, односно колку е учеството на пензијата во просечната плата, односно со ова зголемување тој сооднос изнесува 60%, во однос на просечна плата. А тоа е мерило на пензискиот систем за вредноста на пензиите, вели претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова. 

Пратениците дадоа поддршка на законските измени со што практично ќе се укине линеарното зголемување во иднина и ќе се врати старата методологија на услогласување. Со тоа, од септември пензиите ќе се усогласуваат 50% според индексот на трошоците на живот и 50% според порастот на просечната плата. Премиерот вели го исполниле ветувањето.

- Повеќе од 300 илјади пензионери ќе имаат повисоки пензии за 5.000 денари. Да, Македонија има многу проблеми. Да, проблеми има во секој дел од општеството, но затоа сме ние тука да ги решаваме проблемите и со решавање на проблемите Македонија ќе биде повторно горда, а на овој начин Македонија ќе биде повторно ваша, вели Мицкоски.

Но опозицијата предупредува дека растат трошоците на живот, а платите на работниците тапкаат во место. СДСМ денеска се обиде во собраниска процедура да поднесе предлог закон за замрзнување на придонесите, со што очекувањата се дека би пораснале платите. 

- Со оваа мерка платите можат да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари. Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за зголемениот дел. 400.000 работници со плата до 65.380 денари ќе добијат повисоки плати. Ова е ударна економска мерка за поголеми плати за работниците, за стопанството, за економијата. 

Меѓутоа, не добија поддршка од колегите од владејачкото мнозинство за изгласување потреба за носење на измени, па предлогот им падна во вода.