Македонија
25. April 2025 - 16:44

На Oнкологија стигна терапијата која недостигаше – реализирана годишната набавка

Онкологија ги доби лековите кои недостигаа. По месец дена чекање денеска повеќе од 200 пациенти со рак на дојка и колоректален карцином ја добија потребната биолошка терапија. Со годишната набавка обезбедена е дефицитарната имуно терапија, информираат од Клиниката. 

- Пациентите благовремено ќе бидат известени од страна на персоналот на УК за радиотерапија и онкологија за кога да дојдат за апликација на терапијата и/или за подигање на таблетарната терапија, велат од Онкологија.

Од здружението на онколошки и хематолошки пациенти повикуваат тешко болните повеќе да не се оставаат во неизвесност дали ќе имаат терапија.

- Тоа е нешто кое повеќе пати сме го кажале. Пациентите посебно онколошките не сме баш со некое големо трпение. Тоа е најмногу од фактот што болеста е таква, надежта се тие лекови и таа терапија и постоеше и паника и револт кај пациентите Ана Марјановиќ, од здружението ХЕМА-ОНКО

Од ХЕМА – ОНКО во повеќе наврати апелираа дел од терапијата да се најде на позитивната листа која ќе можат да си ја подигаат во аптека за да се растерети и Клиниката за онкологија која е преоптоварена со пациенти, а кубури со кадар. И повикаа што поскоро да се отвори и одамна најавениот оддел во ГОБ 8 септември.