На Македонија и се заканува епидемија од морбили - опфатот лани помал од 2023
Со само 30 проценти вакцинирани деца против МРП, Кавадарци е пред епидемија со морбили. Не е далеку од оваа состојба и Куманово каде повеќе од половината се невакцинирани а ниски бројки на заштитени од мали сипаници има и во други поголеми градови и урбани средини, стои во извештајот на ИЈЗ.
Дали граѓаните ја заборавија 2019 кога имаше околу 2000 заразени и неколку смртни случаи од оваа заразна болест и опфатот наместо да расте – опаѓа. Лани 72,7 проценти биле вакцинирани со прва доза што е помалку од 2023 а опаѓа и ревакцинацијата која веќе е под 80 проценти.
-Имаме неколку скопски општини, најурбаните – Центар, Карпош и Аеродром, каде опфатот со оваа вакцина навистина ни е многу низок, под 60 – 70 отсто, тоа што е важно да се знае и тоа нѐ доведува во висок ризик од појава на повторно епидемија со морбили. Имаме општини во внатрешноста, па и некои скопски, каде што имаме и над 90 проценти со истата вакцина, изјави проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.
Засега Кочани е единствениот град каде има опфат со вакцинација против МРП над 95 проценти. Од Комитетот за имунизација велат дека и дезинформациите и влијанието на социјалните мрежи ги доведува родителите во заблуда.
Вакцините се најголемиот успех на човештвото, порачаа од УНИЦЕФ и Светската здравствена организација.
-УНИЦЕФ и Министерството за здравство работат во партнерство за да обезбедат сигурни и проверени информации што ќе им помогнат на родителите да ги разберат придобивките од вакцинацијата, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.
-Ова не е време за повлекување. Знаеме дека по епидемијата со Ковид имаше одредени прашања околу вакцинацијата, меѓутоа, ова се базира на докази. Вакцинацијата спасува животи, вели Аким Али, претставник на СЗО во Македонија.
Во неделата на имунизација, скопски тимови ќе одат од врата до врата и ќе бараат деца кои имаат пропуштено вакцини.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар