Македонија
13. јуни 2017 - 12:38

На Филмската академија во Охрид работилница на професионалната Програма за развој на филмски проекти „Мидпоинт“

 Дваесет и тројца млади сценаристи, продуценти и режисери од Македонија, Шведска, Словенија, Шпанија, Германија, Молдавија, Швајцарија, Романија, Белгија, Холандија, Чешка, Иран и Косово се дел од работилницата што во рамки на професионалната Програма за развој на филмски  проекти „Мидпоинт“ за прв пат се одржува на Академијата за филм во Охрид.

Станува збор за прва соработка на Агенцијата за филм на Македонија со престижната професионална програма „Мидпоинт“, која важи за една од водечките европски програми за развој на филмски проекти.

-  Голем предизвик е самата соработка со „Мидпоинт“, уште поголемо е задоволството што партнерот соработува со водечки платформи, филмски школи, значајни филмски фондови од целиот свет, истакна на денешната прес-конференција Мими Ѓоргоска-Илиевска, директор на Агенцијата за филм на Република Македонија.

Дел од меѓународната програма на „Мидпоинт“ е и македонскиот проект на режисерката Косара Митиќ и продуцентот Корнелија Ристовска, додека учество на работилницата во Охрид обезбедија уште и три македонски проекти и тоа „Изгубениот син на пашата“ на Сенад Абдули и Газменд Изаири, „Лето со Силвија“ на Андреј Волкашин и Јелена Станишева и „Снежана на крајот умира“ на Христијан Ристевски и Симеон Дамевски.

Илиевска оцени дека собирот во Охрид ќе придонесе за континуиран развој на стратегијата за едукација на филмските професионалци, како до аспект на создавање квалитетни филмски дела, промоција на македонската филмска продукција надвор од државата, како и можност за остварување квалитетни копродукции со европски кинематографски куќи.

Словенечкиот продуцент Даниел Хочевар, кој е дел од работилницата посочи дека учесниците во проектот наредните пет дена ќе имаат можност да соработуваат со филмски експерти од цела Европа, да разработуваат проекти во како што рече, круцијалната фаза на развој на самите идеи, кога се уште може да се доработи на креативниот и сеопфатниот дел на самите проекти“.

-  Работата на оваа работилница е конципиран така да се фокусира врз креативниот дел на самото сценарио и на информациите што експертите им ги даваат на учесниците, од презентиации на проектите, комуникација меѓу продуцентите и режисерите, се до најважниот можеби дел од работата, како што е обезбедувањето финансиски рамки за идните филмски остварувања, рече тој.

Работилницата во Охрид е прва од двете предвидени за оваа година. Следната ќе се одржи  во октомври во Прага, каде на младите филмски работници ќе им се придружат и експерти од други области, со што ќе биде заокружена оваа генерација режисери и сценаристи. Од нив самите и од нивните умеења и вештини ќе зависи дали некои од нивните дела ќе добијат шанса истите да ги презентираат пред партнери, потенцијални финансиери, се до конкретна продукција на самите дела, нивна проекција па и учество на филмски фестивали.

Програмата за развој на филмски  проекти  „Мидпоинт“ е формирана на ФАМУ академијата од Прага во 2010 година, со цел зајакнување на креативна соработка помеѓу сценаристите, режисерите и продуцентите, во процесот на развој на филмскиот проект. „Мидпоинт“ досега има соработувано со повеќе од 500 дипломирани студенти, претежно млади филмаџии од Централна и Источна Европа. Некои од учесниците на програмите на „Мидпоинт“  со своите авторски дела имаат постигнато значајни успеси на познати фестивали како „Берлинале“, фестивалот во Карлови Вари и Канскиот филмски фестивал.