На 8-ми март протести за „Јавна соба“
Ако до 8 март МВР не го расветли случајот „Јавна соба”, невладините ќе организираат нови протести. Од Платформата за родова еднаквост бараат конкретни резултати и кривични пријави за сторителите, а од министерот за внатрешни работи побараа реформи бидејќи, како што велат, полицијата не постапува навремено и ефикасно.
„Одговорот на полицијата во овој случај уште еднаш ги потврди бројните недоследности во обезбедување на заштита на жените од родово засновано насилство од институцијата, која ја раководите. Со жалење заклучуваме дека иако сте министер за внатрешни работи веќе втор мандат, ние во практика не гледаме никакво унапредување во однос на постапувањето на полицијата во ваквите случаи”, вели Бојана Јовановска од Платформата за родова еднаквост.
Од МВР информираат дека веќе завршиле со вештачењето на мобилните телефони и лаптопите, кои биле одземени од приведените, а внатрешна контрола уште проверува дали полицајците постапувале соодветно по пријавите од жртвите.
„Како што знаете, ние за овој случај приведовме четири лица. Им беа одземени мобилни телефони, лаптопи, беа предадени во нашиот сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, траеше вештачењето, тоа е завршено, материјалот е доставен до обвинителствата и сега оттаму се чекаат натамошни насоки за постапување. Инаку, покрај ова, како што веќе информиравме, за претходниот случај од “јавна соба” од минатата година, по наредба на јавен обвинител приведовме две лица, на кои што веќе им е одреден притвор од 30 дена и таа мерка си ја издржуваат во моментов”, вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Од платформата за родова еднаквост бараат од полицијата и да го подобри третманот кон жртвите, бидејќи според нивното искуство, случаите во кои службениците соодветно постапуваат се исклучок, а не правило.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
