Балкан
2. March 2017 - 12:50

Мустафа: Неприфатливо однесување на Србија во случајот „Харадинај“

Косовскиот премиер Иса Мустафа денеска од француското правосудство побара на опозицискиот лидер и поранешен косовски премиер, Рамуш Харадинај, да му се овозможи враќањето во Приштина, а меѓународната заедница ја повика да го прекине, како што тврди, неприфатливото однесување на Србија во овој случај, јави Танјуг.

Србија го товари Харадинај за сторени воени злосторства врз Србите во конфликтот во 1998-1999 година и побара негово екстрадирање.

Реагирајќи на денешната одлука на судот во Колмар, кој одлуката за евентуално изрекување на Харадинај на Србија го одложи за 6 април, Мустафа оцени дека таа е неправедна, односно дека Србија со доставувањето на нови докази се обидува „намерно и незаконито“ да ги умножи „измислените обвинувања“, кои ги деградираат сите граѓани на Косово.

-Со ваквите игри Србија го злоупотребува правото, обидувајќи се да го наруши ликот и делото на поранешниот премиер Рамуш Харадинај, граѓаните и државата Косово. Верувам дека француското правосудство нема да ја толерира таквата ситуација, рече Мустафа за приштинскиот весник  „Зери“.