Македонија
2. јуни 2026 - 16:33

Муртезани: Тврдам дека и во следниот извештај Македонија ќе биде прва земја од ЗБ по однос на спроведени реформи

Македонија ќе биде прва земја во ЗБ по однос на спроведени реформи и на следните извештаи на Европската Комисија, тврди советникот во влада за реформската агенда Орхан Муртезани, кој до декември беше и министер за европски прашања. Тој за Сител вели дека се уште има предизвици на патот поврзани со системот, но владата е подготвена да најде решение. 

„Jас упорно тврдам дека во следниот извештаен период Македонија ќе биде прва земја во Западен Балкан по однос на спроведени реформи и по однос на пари кои се врзани со тие реформи“, изјави Орхан Муртезани, советник за реформаската агенда. 

На прашањето дали е можно откочување на процесот на преговори со ЕУ без вметнување на Бугарите во Уставот, Муртезани вели дека со спроведувањето на реформите праќаме сигнал до Брисел дека ние ги исполнуваме условите за членство. 

„Мислам дека тоа што го правиме периодов е правилниот пристап. Преку спроведување на реформите, преку праќање сигнал дека тоа што зависи од нас како земја ние максимално го исполнуваме мислам дека е првиот најбитен чекор и сигнал до ЕУ дека не само сме декларативно заинтересирани туку и работиме за  европската интеграција на земјата“, додаде Муртезани.

Додека власта тврди дека нема остатпки од европската агенда, од опозицијата обвинуваат дека водат антиевропска и антизападна политика. 

„Вицепремиерот Иван Стоилковиќ, најблизок соработник на Мицкоски и втор човек во државата, се обраќа на 7. состанок на локалните лидери на Кина, заедно со српската делегација. Во земја која полноправна членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, вториот човек на владата отворено промовира стратешка соработка со Кина? Мицкоски, Стоилковиќ и ВМРО не сакаат во Европа. Не сакаат реформи“, изјави Богданка Кузеска порпатолка на СДСМ.
ВМРО ДПМНЕ пак возвраќа дека Филипче работи за бугарски инетерси. 

„Oваа државничка политика во која не прифаќаме уцени и диктати од официјална Софија, не им се допаѓа на Бугарија и на специјалниот бугарски пратеник во Македонија, Венко Филипче, кои имаат добро координирани ставови и тези кои ги пласираат во јавноста. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи нови понижувања во евроинтегративниот процес на Македонија“, вели Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Минатиот месец ЕК одобри нов пакет финансиска помош за земјите од ЗБ во рамки Планот за раст, при што нашата држава ќе добие 65,7 милиони евра – сума кој е поголема од одобрената за Албанија и Црна Гора. Парите ги добивме откако Брисел позитивно ги оцени реформите што земјава ги спроведе во областа на образованието и дигиталната трансформација.