Муцунски од Њујорк: Стратешкиот дијалог со САД предвидува низа мерки за унапредување на меѓусебните односи
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски осврнувајќи се на стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, посочува дека тој подразбира низа конкретни мерки насочени кон унапредување на односите меѓу двете земји.
-На средбата во мај со државниот секретар Марко Рубио дефиниравме заеднички приоритети поврзани со билатералните и мултилатералните релации, како и со засилената трговска и економска динамика. Чекор по чекор гледаме како тие приоритети се реализираат. Во рамките на дијалогот ќе отвориме повеќе теми, меѓу кои и визното олеснување – не ветуваме дека тоа ќе се случи веднаш, но веќе е ставено на маса во разговорите со администрацијата во Вашингтон, истакна Муцунски во интервју за Сител, говорејќи за билатералните односи со САД, втората сесија од стратешкиот дијалог и за интензивната политичка агенда во рамки на 80. Генерално собрание на ОН.
Тој се осврна и на сојузништвото со САД во НАТО и тековните преговори за нов трговски аранжман.
-Со нашите партнери во Алијансата споделуваме заеднички грижи за европските и глобалните предизвици, и секогаш е важно кога на високо ниво координираме ставови и разменуваме мислења. Во делот на тарифите, сме во завршна фаза на подготовка на ново решение кое ќе донесе пониски давачки – како општи, така и специјални за одредени производи што ги извезуваме во САД. Веќе имаме драфт-текст, преговорите се одвиваат успешно и очекувам наскоро конечна верзија која ќе ѝ биде презентирана на јавноста, додава министерот.
Муцунски ја истакна и важноста на бројните средби со светски лидери, посочувајќи дека тие се можност најдобро да се афирмираат принципиелните позиции на Владата по сите суштински и стратешки прашања. Тој информирал и за динамичната агенда во рамки на Генералното собрание на ОН, со акцент на билатералните контакти за унапредување на политичките и економските односи, како и на поставувањето нови приоритети од регионален и глобален интерес.
Ќе продолжиме на мултилатерално поле да ги користиме сите можности што ги има државата, бидејќи дипломатијата не треба да остане апстрактна – таа мора да носи конкретни придобивки за граѓаните, вели министерот Муцунски.
МИА
Ново на Сител
-
При претрес во велешко пронајдена дрога, приведени две лица | ФОТО
-
Техеран го опиша како „неоправдано“ повторното воведување на санкциите на ОН кон Иран
-
Сиљановска-Давкова од Детроит: Државата ќе продолжи да вложува напори да ги зацврсти врските со дијаспората
-
Маж осомничен за изнуда на пари од жена во странство, со закани и барал 15 илјади евра
-
Честитка од претседателот на Собранието, Гаши по повод 28 Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците
-
ИДФ: Погодени се 140 цели во Газа
-
Иран го повика Гутереш да го спречи активирањето на механизмите за спроведување на санкциите на ОН
-
АХВ: Можно труење со храна во Штип, времено затворена сендвичарница