Македонија
26. January 2017 - 17:55

МТСП: За некои осигуреници членството во вториот пензиски столб е неповолно

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека заедно со Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и со Фондот за пензиското и инвалидското осигурување ја следи примената на пензиската реформа и дека анализата на почетокот на имплементацијата во 2007 година утврдила дека доброволното членство во вториот столб не е поволно за некои осигуреници поради нивната возраст и стаж.

- Од страна на МАПАС овие лица се контактирани со цел да им се укаже дека нивното членство во втор столб не е во нивни интерес и уште еднаш да ја разгледаат нивната одлука за тоа дали остануваат членови на задолжителниот пензиски фонд, соопшти МТСП како одговор на информацијата дека до Народниот правобранител се поднесени претставки од граѓани кои добиле пониска пензија зашто членувле и во вториот приватен пензиски фонд. 

Министерството во допис до медиумите информира дека во континуитет врши анализи и согледување на тоа како пензиската реформа се имплементира и како влијаат промените на социоекономските фактори кои се случија во последните неколку години, како што се преминувањето на начинот на пресметка на придонесите од нето на брута плата, намалувањето на стапката на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување...

Покрај сите мерки кои досега се преземени во насока на заштита на интересите на членовите на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, наведува МТСП, постојат категорија на осигуреници (особено повозрасна категорија) чие зачленување во вториот пензиски столб не е во нивни интерес.

Тоа прашање во изминатиот период било разгледано на ниво на работна група составена од претставници од Министерството за труд и социјална политика, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и двете пензиски друштва.

- Направени се анализи врз чија основа Министерството за труд и социјална политика ќе подготви предлог измени на повеќе закони и тоа: Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за пензиското и инвалидското осигурување и законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капиталното финансирано пензиско осигурување, информира МТСП.