Мртво новороденче пронајдено во тоалет во тетовската болница
Лекар во интерното одделение при тетовската болница го нашол безживотното тело на новороденчето во тоалет, завиткано во пелени. Ги алармирал колегите по што повикале полиција.
Безживотното тело на бебето е фотографирано, подигнато и врз него ќе се врши обдукција.Од разговорите со лекарите добиени се информации дека попладнето околу 16 часот на Интерното одделение во болницата била примена 36-годишна пациентка од едно тетовско село, која набрзо е препратена во Одделението за гинекологија, каде е задржана за натамошно лекување, изјави Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово
Како што објави МВР, според мислење на лекарите жената имала спонтано породување бидејќи пронајденото бебе одговарало на шести месец од бременост, а и добиениот материјал од гинеколошки преглед укажувал дека таа се породила. Жената и сопругот од друга страна тврделе дека таа не била бремена и дека не се породила.
Се превземаат мерки и активности за целосно расветлување на овој случај, односно дали 36-годишната пациентка во болницата спонтано го породила бебето или некој друг го онесол и го оставил во тоалетот на Интерното одделение, изјави Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово
Во истрагата покрај обдукцијата, ќе има и ДНК анализа, за што веќе се земени соодветни брисеви.
-

Александар Самарџиев
Сите содржини од овој новинар
