Моторџиите на протест бараат правда за Гоце
Десетици моторџии под мотото “Правда за Гоце, правда за сите” денеска излегоа на улиците да протестираат против, како што велат, неправедните судски одлуки. Причина е пресудата за сообраќајката кај Млечен, во која пред две години животот го загуби 32-годишниот Гоце Димитриевски, а неговата сопруга е со трајни телесни повреди. Во несреќата таа го загуби и нивното неродено бебе.
Васил Чорбаџиев, кој премина преку две полни линии и удри во моторот на Гоце, откако ја призна вината доби само условна казна.
Демонстрантите апелираат за правда и фер судење.
„Сведоци на недозволиво казнување на поединци кои вршат сериозни сообраќајки со фатални последици. Секој може да предизвика незгода, но секој треба да одговара за постапките и да добие правичен третман од судство. Изминати години сме сведоци на многу македонски мотоциклисти кои гинат, а сторителите поминуваат неказнето.“ изјави Благој Мартиновски, моторџија.
На протестот присуствуваше и Наташа Димитриевска, која има трајни последици од несреќата. Таа апелира за поголема свесност на сите учесници во сообраќајот, но бара и правични судења.
„Ова денес е организирано од мотороџиите, од клубови, федерација. Ако нас не не слушнат народот ќе излезе за да се докаже дека овие пресуди не се од граѓани....“ изјави Наташа Димитриевска, сопруга на починатиот.
Мото протестот симболично започна од пред Млечен, каде се случи кобната несреќа. Моторџиите оставија цвеќе на самото место, оддадоа почит и оттаму се упатија кон судовите, каде поради незадоволство од пресудата, накратко го блокираа булеварот.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
