Loading Video...
Свет
16. August 2022 - 16:33

Москва: Саботажа е причината за експлозиите во магацинот со муниција на Крим

По вторпат за 7 дена на полуостров Крим анектиран од Русија одекнаа експлозии на воена локација. Утрово експлодираше магацин со муниција во областа Џанској, при што беа повредени двајца цивили. Експлозиите беа чин на саботажа, објави руското министерството за одбрана но повеќе детали не соопшти.

Локалните жители кои живеат во радиус од 5 километри од местото на експлизиите се евакуирани а како што изјави гувернерот на Крим има оштетени далноводи, трафостаници, железничката пруга и станбени објекти.

Окупираниот Крим од Русите стана место каде експлодираат магацини и постои голем ризик од смрт за окупатори и крадци напишта на Твитер, советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак, но не потврди вмешаност на Киев во инцидентот. Денешниот инцидент уследи по серијата експлозии минатиот вторник во воздухопловната база на Крим за кои украинските власти навестија дека се дел од некаква специјална операција, но за која Москва тогаш рече дека е несреќа.

Во меѓувреме украинскиот претседател повторно ја повика Москва да ги повлече своите војници од територијата на нуклеарната централа Запорожје а од Западот побара да воведе нови санкции за Русија.

Со испраќањето оружје за украинските војници, САД сакаат да го продолжат конфликтот во Украина и сакаат да ја  дестабилизираат Азија со неодамнешната посета на високиот американски фунцкионер Ненси Пелоси на Тајван оцени  рускиот лидер.

Војната во Украина влезе во 174 ден а за да се постигнат руските цели, не треба нукеларно оружје, вели рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.