Свет
8. November 2017 - 18:11

Москва: Пожар во зградата на разузнавачката служба, три лица исчезнати

Пожар избувна во зграда на руската разузнавачка служба во југозападниот дел на Москва, потврди агенцијата, а според некои извештаи во подземните катови има блокирани лица.

Зградата во која избувна пожарот е дел од голем комплекс во предградието на Москва, каде што се наоѓа седиштето на разузнавачката служба.

Пожарот избувнал во подземен кабелски тунел, најверојатно за време на изведување работи. Најмалку три лица од тимот на работници се водат за исчезнати.

Портпаролот Сергеј Иванов изјави дека е премногу рано да се коментира додека истрагата не биде завршена, но потврди дека има итна ситуација и дека избувна пожарот во делот на „техничките инсталации".

Московските служби за итни случаи објавија дека реагирале на повикот за помош и дека ги преземаат неопходните мерки за спасување на луѓето за кои се верува дека се наоѓаат во подземни катови.