Македонија
15. February 2017 - 16:05

Молк во ДУИ и СДСМ - Што понуди Заев за коалиција со Ахмети

ДУИ и останатите албански партии потписници на платформата се уште молчат за писмениот предлог што СДСМ им го достави како гаранција за формирање на идната влада.

Партијата на Ахмети, кратко потенцира дека партискиот став ќе биде познат, кога за тоа ќе дојде време. Алијансата на Албанците и БЕСА официјално немаат никаков став.

Во недостаток на официјални информации во медиумите кружат две спротивставени позиции околу тоа што СДСМ предложила и како тоа одекнали кај албанските партии.

Албанската телевизија Топ Ченал, објавува дека документот на СДСМ содржи 72 страници во кои целосно е прифатена платформата на албанските партии и детално е предложен и нов закон за употреба на јазиците.

Од друга страна пак, денешен Дневник, повикувајќи се на свои извори, пишува дека предлогот за албанскиот јазик и понатаму е камен на сопнување меѓу преговарачките тимови на СДСМ и ДУИ.

Но, според Дневник тоа не било пречка крилото предводено од Теута Арифи да ја форсира идејата за коалиција со СДСМ, иако висок функционер на ДУИ за Дневник изјавил дека од СДСМ не го добиле тоа што го барале, односно во писмените гаранции нема понуда за официјализирање на албанскиот јазик на цела територија.

Во СДСМ, исто така молчат за содржината на писмото. Кратко коментираат дека информациите во медиумите биле шпекулации.

По испратеното писмо од СДСМ, сега се очекува одлука на ДУИ. Неофицијалните партиски брифинзи велат дека ДУИ ја очекува повторно жестока дискусија поради поделените ставови внатре во партијата.