Македонија
7. September 2020 - 16:46

Молк од општината Тетово за промената на ДУП, за власта нема ништо спорно во доделувањето земјиште на Дака

Молк во општина Тетово по информациите дека е донесен Детален урбанистички план вреден 200 милиони евра во корист на контроверзен црногорски бизнисмен.

Никој не одговара на телефоните во општината, а неуспешен беше обидот и за комуникација преку трите електронски адреси кои се посочени на интернет сајтот.

ДУП-от предвидува градежни зафати на околу 230 илјади квадратни метри во Тетово. Со најава дека во наредните денови ќе обелоденат и нови промени во градежните планови во центарот на Скопје, од опозицијата ја обвинија коалицијата СДСМ – ДУИ за мафијашко постапување. 

Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека земјиштето на кое ќе се гради го добил црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ преку коруптивни зделки.

Планот е изгласан неколку дена по постигнувањето на коалицискиот договор, со што на Давидовиќ му се овозможува да се стекне добивка од 200 милиони евра, токму како што му беше ветено пред изборите, обвинуваат од опозицијата.

Според премиерот Заев, пак, нема ништо спорно во целиот процес. Сопственоста на земјиштето е предадена за време на минатата влада, вели премиерот, оценувајќи ги наводите на опозицијата како чисто политиканство.

Според усвоениот план, во Тетово ќе никнат две илјади нови станови, а предвидена е градба на деловни објекти на околу 80 илјади квадратни метри.