МНР за Ковачев: Тој не е закана, но беше со лошо друштво
Бугарскиот европратеник Ковачев се закани дека забраната за влез во Македонија ќе се одрази врз македонските преговори со ЕУ, па дури спомна и ново вето.
Тој побара официјално извинување и објаснување за тоа зошто на 6-ти мај не бил пуштен на панихидата на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.
Ваквиот потег, според него, е антиевропски и покажува дека Скопје сака да остане на оската Белград-Москва. Вели дека е недозволиво земја кандидат да има црни листи за влез на кои се наоѓаат европски пратеници.
Од МНР со одговор до Ковачев дека се наоѓал во група за која од МВР е проценето дека претставува безбедносен ризик и дека вратите се отворени за секој европски пратеник кој е добронамерен.
„Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал. Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“, објаснија од МНР.
Инаку забраната на МВР наиде на осуда од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како и од лидерот на Европската народна партија Манфред Вебер.
-
Сања Сеизова Мрмова
Сите содржини од овој новинар
