Македонија
21. March 2023 - 12:24

Младите од Прилеп бараат младински центар

На Прилеп му е потребно итно отворање на Младински центар, што беше и предизборно ветување на сегашниот градоначалник, Борче Јовчески. Младински совет Прилеп во тек е на собирање на потписи за петиција која ќе биде доставена до Општината како потсетување за ова ветување. 

„Младите се изјаснија дека сакаат простории за едукативни работилници, за креирање и реализирање на нивните идеи во тие простории, за спортски активности, простории каде ќе можат културно и уметнички да се изразуваат“, кажа Марија Ташкоска, Младински совет Прилеп.

Со активностите на Младинскиот совет и трите одржани инфо денови биле опфатени 1.500 млади кои го кажале своето мислење за тоа што сакаат да постигнат преку овој центар.

„Нас младите ни е потребен младински центар, затоа што ќе имаме простор каде што можеме да се активираме, да се вклучиме и заедно да се социјализираме и да изработуваме разни креативни работи, да читаме книги, да си ги остваруваме нашите цели и идеи“, истакна Марија Бундоска, член на Младински совет Прилеп.

„Се залагаме за отворање на младински центар со цел поголема дружба на младите од Прилеп, место каде што можеме да се дружиме, каде ќе имаме повеќе време за вон наставни активности со цел да не го трошиме нашето време користејќи ги мобилните телефони“, рече Ненад Кулески, член Младински совет Прилеп.

„Навистина многу сум изненадена од центарот што го посетивме пред некој ден во Охрид. Ми остави многу впечаток затоа што стварно беше прекрасно место за млади, имаше многу простории за секакви активности, за книги читање, за секакви дружби, за пиење кафе и стварно мислам дека и во нашиот град треба да се направи такво нешто“, вели Елена Пиловска, член Младински совет Прилеп.

Инаку отворањето на Младински центар е обврска на сите Општини согласно законот за Младинско учество и Младински политики.