Младите фолклористи ја продолжуваат традицијата
Грмотот на тапанот, писокот на јадата и звукот на тамбурите по 48 пат одекна во центарот на Прилеп. Започна фестивалот на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“. Бобан Анакиев од Кочани е еден од ретките млади учесници на фестивалот кој освен што свири и ги изработува поголемиот дел од инструменти.
„Младите послабо ги изучуваат народните инструменти, а треба што повеќе да ги изучуваме и да ја зачуваме македонската традиција. Од нашите народни инструменти изработувам кавали, гајди, тамбури и кемане, можеби нема голема заработувачка од инструментите, но ги изработуваме од љубов“, рече Бобан Анакиев, учесник од Кочани.
Младите кои се дел од фестивалот истакнаа дека нивниот пример да им служи и на нивните врсници како се сака и чува нашата традиција.
„Еве ние сме денес тука да ја зачуваме нашата традиција, да ја прикажеме, кај нас младите има голем интерес, моите соученици, сите го изучуваме ова, свириме, пееме, играме и се надеваме дека сме голем пример за нашите млади“, изјави Мартина Трајковска, учесник од Скопје, студент на факултетот за музичка уметност во Штип.
И организаторите на фестивалот се задоволни од тоа како се исполнува сонот и мисијата на Пеце Атанасоски.
„Годинава имаме многу млади групи учесници кои го негуваат изворниот фоклор. А со тоа можеме да кажеме дека се враќа тој традиционализам. И се повеќе младите се заинтересирани и го негуваат изворнииот фолклор“, вели Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.
„Така што сонот на Пеце Атанасовски можеме да бидеме сигурни дека и понатаму ќе продолжува“, додаде Горан Василески, секретар на Фестивалот.
И постарите учесници се оптимисти дека нема опасност за губење на нашиот фолклор.
„Традицијата, музиката, обичаите се одлика на еден народ. Фактички со ова ние си ја задржуваме нашата традиција“, потенцираше Раде Петроски, учесник од Крива Паланка.
Фестивалот продолжува утре на кај месноста Рудина во Долнени, годинава има 300 учесници од цела Македонија.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар