Македонија
7. May 2022 - 16:34

Младите бараат ангажман од институциите за да запре иселувањето

Пописот покажа катастрофални резултати кога е во прашање масовното иселување на младите, кое е особено изразено во помалите средини. Но тоа помина без некое поголемо внимание во јавноста, а особено кај властите. Според младите мора итно да се стопираат овие погубни процеси за државата, а главната причина за нив било малото или никакво учество на младите во општествените процеси, вклученоста во носење на одлуки локално ниво, како и пристапот до вработување.

„Младите воопшто не се вклучени во процесот на носење на одлуки, не се воопшто ниту прашани кога се носат локална младинска стратегија, локален буџет за млади. Немаме оформено Локален младински совет кој што треба да носи одлуки и да предложував точки на дневен ред во општината и кој практично треба да ги застапува младите пред општествените чинители“, рече Андреј Стојкоски, Младински совет Крушево.

Се мерело учеството на младите на три полиња политичко, економско и социјално учество.

„Недостаток од превентивни механизми за намалување на младинската сиромаштија, системски пречки кои младите ги оставаат без образование, понатами социјалната заштита, здравствена заштита, условите за живот на младите. Недостасуваат центри за ресоцијализација на младите во судир со законот и недостасува институционална поддршка особено на локално ниво“, додаде Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т.

Секако главната причина за иселувањето е еконосмкиот момент, односно неможноста за вработиување и ниските примања.

„Треба да се обезбедат можности за брзо вклучување на младите на пазарот на труд, нивна брза активација, што значи дека не треба да се дозволи тој период на долгорочна невработеност кој што негативно се одразува на човечкиот капитал“, истакна Димитар Николоски, професор на Економски факултет-Прилеп.

Младите велат дека ако не се подобрат работите својата иднија ја гледаат надвор од Македонија.

„Па во иднина искрено не се гледам во Македонија, немам нешто посебно размислено, но нема да биде тука тоа сигурно“, вели Андријана Кузманоска, ученик во Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп.

„Не се покажува интерес за практичната настава туку повеќе се однесува на теоретскиот дел. Сметам дека имаме голем недостаток и ние самите како работна сила“, рече Валентин Димитриоски, студен на Економски факултет-Прилеп.

За да се подобри ситуацијата потребна била соработка на сите надлежни институции во државава, што засега била далеку од потребното ниво.