Бизнис
24. March 2016 - 20:01

Мизо: Во тек пилот проект за домашните компании да им станат добавувачи на странските

Активно се работи на вмрежување на што поголем број македонски компании во добавувачките ланци на странските инвеститори.

Со помош на ИФЦ и Светска банка се одвива пилот проект кој на домашните фирми им помага да се сертифицираат за добавувачи во автомобилската индустрија каде има голем број  на строги стандарди, вели директорот на зоните, Виктор Мизо.

Македонски копмпании работат со странските од самиот старт, адвокатски и консултантски друштва, потоа проектантски бироа и градежни фирми, па сервисери, логистика и добавувачи. Лани овој бизнис вредел вкупно 46 милиони евра.

Целта кон која треба да се стремат е да станат добавувачи на глобално ниво, што и успеа на Актива која отвори фабрика за шасиите на Ван Хул.

- Не само што го снабдува Ван Хул локално туку и за фабриката во Белгија. Потоа имаме една кичевска и една скопска фирма кои произведоа опрема за Џонсон Мети. Се работи за садови за мешање на хемикалии кои потоа се користат во процесот на производство на катализатори. Една од овие компании подоцна стана глобален добавувач на Џонсон Мети кој каде и да изгради нов капацитет ќе ја користи нивната опрема, вели Мизо.

Лани извозот од зоните вредел 1,5 милијарди евра и има годишен раст од 26%. Нето ефектот меѓу извозот и увозот бил 228 милиони евра. Двоцифрените стапки се остваруваат и оваа година, а како што вели Мизо, сменетата структура на извозот и софистицираните производи придонесуваат за намалување на трговскиот дефицит.

Во зоните до средината на овој месец работат 5.300 луѓе. Во 23 компании кои во моментотв работат или ги градат своите капацитети во оптималната фаза треба да работат над 16.500 лица.