Митрески: Наместо за странски фирми енергетските капацитети да се користат за домашните граѓани
Наместо во големите фотоволтаични централи кај нас да инвестираат домашните компаниии во јавно-приватно партнерство со државата, истите им се даваат на странски компании кои потоа енергијата ни ја продаваат по берзанска цена. На ваков став се дел од енергетските експерти во државава кои велат дека доколку тие фотоволтаични централи се наши, македонското стопанство би имало далеку поефтина енергија, a со тоа и би било поконкурентно. За моменталната ситуација велат дека е апсурдна затоа што странци ни доаѓаат дома и ни ја наплаќаат енергијата од нашето сонце.
„Нашите фирми кои и тоа како плачат за ефтина енергија. Кога странците би дошле тука би плаќале по берзанска цена, но ако прават партнерстрво со нашите правни лица таа енерегија во секој случај би била многу поефтина и многу поприфатлива за сите наши правни лица. Или во таа ситуација нашите производи не би биле атрактивни само на локално ниво туку би биле атрактивни и на меѓународно ниво затоа што цената на енергија ја диктира цената на крајниот производ“, вели Зоран Митрески, енергетски експерт.
Иста била и ситуацијата со Чебрен. Наместо државата за далеку поефтина цена да ја изгради хидроцентралата, таа се дава на грчка компанија која ќе стопанисува со нашите води и ќе ни ја продава нашата енергија. За апсурдот да биде поголем државата на таа компанија гратис му ја поклонува и ТЕЦ „Тиквеш“.
„Во таа ситуација ние се ставаме во покорна ситуација на странски економски фирми кои што во ниту еден момент нема да се грижат за социјалата на оваа земја. Ако ние ја изградиме за 10-тина години Чебрен после таа централа е наша, сопствена. Или сега според договорите кои се појавија во јавноста дека таа централа би ни ја вратиле назад за 60 години, кога сите технички лица знаеме дека било која хидроцентрала животниот век и е 40 до 50 години. Што значи идната генерација на наши деца нема да дочекаат да добијат своја сопствена енергија“, додаде Митрески, енергетски експерт.
Од друга страна со изградбата на странските фотонапонски централи или тие кои се во најава се потполнува слободниот капацитет на нашата енергетска мрежа и сега домашните компании кои имаат вишок на струја за продажба не можат да го направат тоа поради нашата застарена мрежа која не може да прими целата произведена струја.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар