Македонија
26. February 2016 - 13:07

Министрите Спасовски и Хованец го посетија ПТЦ Гевгелија

Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Чешка, Оливер Спасовски и Михаил Хованец, денеска го посетија ПТЦ Гевгелија и припадниците на полицијата од двете земји кои ја штитат јужната граница на Македонија.

Македонскиот министер Спасовски изрази благодарност за учеството на чешките полицајци во обезбедувањето на границата со Грција и истакна дека очекуваме мудра одлука на земјите од ЕУ затоа што ние не сме изворот на бегалската криза и потребно е заедничко дејствување за ефикасно решение.

- Проблемот мора да се решава во земјите од каде што потекнуваат бегалците затоа што секое друго решение не е решение.Ние ќе може да примаме толку бегалци колку што ќе можат да примат земјите од балканската рута и во тој дел ќе се придржуваме на сите досега донесени заклучоци. Должни сме како земја да обезбедиме хуман третман на луѓето кои што бараат заштита од нас и транзит, но исто така мора да обезбедиме стабилност и безбедност на граѓаните на Република Македонија и од тоа начело нема да отстапиме во ниту еден момент. Македонија направи многу за решавање на бегалската криза и им благодарам на сите што ни помогнаа,особено на Чешката Република и Вишеградската група и се надевам дека таа соработка ќе продолжи за доброто на Македонија и сите држави, изјави министерот Спасовски.

Чешкиот министер за внатрешни работи, Михаил Хованец потенцира дека е дојден во нашата прекрасна земја да се заблагодари за помошта што Македонија ја дава во справувањето со бегалската криза. Хованец понуди уште помош од земјите на Вишеградската група и е заблагодари на убавите зборови од министерот Спасовски.

- Со ваквите зборови се создаваат мостови за понатамошна соработка и нејзино проширување. Ние сфаќаме дека притисокот од бегалскиот бран кој минува низ Македонија  ќе се засилува и сакам да потенцирам дека сме свесни за ова и истовремено подготвени да го преземеме својот дел од одговорноста, рече Хованец.

Тој нагласи дека за Чешка е важно да се одвојат економските мигранти од другите и се согласи со министерот Спасовски дека тоа треба да се прави во конзуларните претставништва на нивните земји затоа што во спротивно тешко ќе се контролира бегалскиот бран.