Македонија
13. July 2023 - 16:44

Министрите од Австрија, Чешка и Словачка со порака: Без уставни измени земјата ќе биде изолирана

- ,,Немате време за губење, сега е моментот. Бидете одговорни, надминете ги партиските и фокусирајте се на националните интереси''-  ова е порака на министерската тројка на ЕУ која во Скопје дојде во мисија на убедување на сите политичките фактори да постигнат консензус и дадат зелено светло за промена на уставот. Министрите на Австрија, Чешка и Словачка потсетија дека на оваа шанса македонската држава чекаше 18 години и доколку сега не ја искористи се соочува со опасност да биде изолирана. Побараа од Македонија, но и од Бугарија да ги надминат недоразбирањата, бидејки се работи за стратешки одлуки кои во дадениот историски момент се од клучна важност.

- ,,Сега е време кога треба стратешки да се размислува, ова е и порака за нашите пријатели од Бугарија – надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки'', кажа Александер Шаленберг, МНР Австрија.

- „Јас секогаш велам, НАТО ја гарантира безбедноста, а ЕУ го гарантира просперитетот. Секако, Северна Македонија веќе ја сметаме за дел од европското семејство, процесот само треба да се заврши'' - изјави Јан Липавски, МНР Чешка. 

- ,,Треба сега да станете водачи, локомотивата која што ќе го влече процесот напред, да станете пример кој треба да се следи и се надевам дека оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме повторно да станете лидер на Балканот во евроинтеграциите како пред две децении''. - Мирослав Влаховски, МНР Словачка. 

Министерот Османи очекува дека опозицијата ќе попушти пред аргументите на ЕУ. Тој не очекува нови вета од Бугарија. Гарант на преговарачката рамка е Брисел, а тоа не може никој да го промени и покрај негативната реторика од Софија.

Посетата на дипломатската тројка на Скопје ја иницираше високиот претставник на ЕУ, Борел, кој очекува од сите политички актери во Македонија да ја сфатат серипозноста на историскиот момент и да ја придвижат земјата кон ЕУ.