Свет
20. May 2025 - 8:27

Министри на ЕУ ќе разговараат за војната во Украина, Блискиот Исток и одбранбените капацитети

Министрите за надворешни работи и одбрана на Европската Унија денеска во Брисел ќе се состанат за да разговараат за тековните борби во Украина, одбранбените капацитети на блокот и ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток.

Министрите за надворешни работи треба официјално да го потпишат 17-от пакет санкции на ЕУ кон Москва поради војната на Русија против Украина, насочени кон т.н. руска флота во сенка, пренесе ДПА.

Овие често неосигурани бродови со нејасна сопственост и помагаат на Москва да ги избегне западните ограничувања на цената на нафтата.

Лични санкции како што се забрани за влез во ЕУ и замрзнување на имот се предвидени во повеќе од десетина случаи. Исто така, постојат планови да се таргетираат неколку десетици компании кои се вклучени во заобиколување на руските санкции.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха се очекува да се сретне со своите колеги од ЕУ преку видео-врска, откако преговорите меѓу украинските и руските претставници за прекин на огнот предложен од Киев не дадоа конкретни резултати.

Министрите за надворешни работи ќе разговараат и за најновите случувања во Блискиот Исток, вклучувајќи ги Појасот Газа и Сирија.

Министрите за одбрана ќе почнат со дискусија за воената поддршка на ЕУ за Украина.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров ќе се приклучи на консултациите преку видео-врска, додека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се очекува лично да учествува на разговорите во Брисел.

Министрите за одбрана исто така ќе разговараат за тоа како да се подобрат одбранбените капацитети на ЕУ и да се зголеми военото трошење, вклучително и предлог за одбранбен фонд од 150 милијарди евра (169 милијарди долари). 

Ново на Сител