Министерството за здравство ќе ја набавува новата компресорска станица за хирушките сали на Клинички
Набавката на нова компресорска станица за хируршките сали на Клинички ќе оди преку министерството за здравство, а не според првичниот план преку Заеднички служби. Откако минатата недела пропадна тендерот и ниту една фирма не се јави да понуди нов систем за компримиран воздух од ресорното министерство во одговор на прашањето од Сител информираат дека допрва ќе ја известат Владата и ќе предложат сите обврски и активности да ги преземе мз, како и да обезбеди финансиски средства.
-Финансиските средства потребни за спроведување и реализација за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компримиран воздух ќе ги обезбеди Министерството за здравство, со што нема да постои обврска на ЈЗУ да го плаќаат предметот на набавка, велат од здравство.
Но, од здравство не прецизираат колку ќе чини, како ќе оди постапката и кога ќе биде ставен во функција системот кој треба да овозможи нормално функционирање на хируршкиот блок. Првичната проценка беше дека за ова се потребни околу половина милион евра, а најголем дел од парите требаше да ги обезбедат клиниките. Рокот за инсталирање беше 6 месеци, но очигледно дека со ова темпо ќе биде напролет наредната година.
Во меѓувреме за операции се користат надворешни компресори, кои според информации на Сител за време на интервенција се случило и да прегреат и да мора да се заменат.
Поради ова привремено решение, а дополнително и поради годишните одмори на персоналот и топлото време периодов се редуцирани операциите, а листата на пациенти од ден на ден се зголемува.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар