Министерот за надворешна трговија на Франција во посета на Штип каде ќе се гради најголемиот фотоволтаичен парк во регионот
Министерот за надворешна трговија на Франција, ја посети парцелата каде ќе се гради најголемиот фотоволтаичен парк во земјите од Западен Балкан, а ќе го гради француска компанија Акио. Сончевата централа „Стипион“ е лоцирана на местото на карго аеродромот, а ќе биде со моќност од 400 мегавати електрична енергија на час, инвестиција вредна неколку стотици милиони евра.
- Овде во Штип за тој голем инвестициски проект којшто ќе помогне, од една страна земјата да стане помалку енергетски зависина, а од друга страна со повластени тарифи на електричната енергија, но најважно работиме за зачувување на планетата и за напуштање на фосилните горива, изјави Оливие Бешт, министер за надворешна трговија, атрактивност и француска дијаспора.
Се работи за стретешки инвестициски проект, единствен од ваков тип во регионот, каде под инсталираните фотоволтаици ќе можат да се одгледуваат одредени земјоделски култури. Според штипскиот градоначалник инвестицијата е значајна од неколку аспекти, од енергетски, економски и заштита на животната средина.
- Она кое што нас најмногу не интересира е тоа што ќе допринесе за развој на локалната економија, за подобрување на енергетската состојба во државата, од аспект на тоа дека овде ќе работат работници локални, локални фирми коишто исто така ќе го градат овој проект, којшто се надевам дека во најбрз можен рок ќе започне да се имплементира, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
По подготовка на техничката документација, инвеститорите очекуваат со градба да се започне за неколку месеци.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар