Министерот Сугарески се сретна со Здружението на градежништво и градежни материјали
Да се донесат закони за градење и за просторно и урбанистичко планирање кои нема да се менуваат на секои три месеци, а Законот за јавни набавки да претрпи измени посебно во делот на критериумите.
Ова се дел од барањата кои претседателот на Здружението на градежништво и градежни материјали при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски денеска му ги презентираше на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Неопходно е, посочи Серафимовски, да се интервенира во Законот за градење кој последните седум години има претрпено 25 измени, ако треба да се даде поголем простор и време со цел да се донесе законот кој нема да се менува на секои три месеци.
- Законот за просторно и урбанистичко планирање е донесен кон крајот на 2014 година и има измени на секои три месеци и повторно пресметки и повторно прилагодување. Треба да се донесе јасен закон кој подолго време нема постојано да се менува, рече Серафимовски на средбата со Сугарески, која се одржа во Стопанската комора на Македонија.
Тој предложи Стопанската комора на Македонија секогаш да има претставник во собраниските комисии и да учествува во расправата за да можат да ги пренесат ставовите на бизнис заедницата.
Министерот Сугарески на средбата рече дека таа се одржува со цел отворено да ги слушнат нивните проблеми и потреби. Потенцира дека се отворени за соработка, ќе дадат поддршка на сите и ќе ги слушнат уште еднаш нивните барања поврзани со законските измени кои треба да следат и сите потреби кои ги имаат со цел новата реформска Влада да реализира поголем број капитални инвестиции.
- Очигледно е дека има сериозни проблеми не само во делот на финансии, туку генерално околу се она што е поврзано со капиталните инвестиции. Беа спомнати законот за градење, за урбанистичко планирање.., истакна Сугарески.
Одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на средбата, тој рече дека за патот Миладиновци - Штип се бара дополнителен анекс договор, бидејќи рокот за негова изградба е поминат и се бара решение за автопатот Кичево - Охрид.
- Во најбрз можен рок согласно анализата која се изготвува ќе излеземе и ќе соопштиме кои се натамошните цели имајќи предвид дека таму е вклучено и Специјалното јавно обвинителство со отворање одредени предмети поврзани со изградбата на патиштата, додаде Сугарески.
Одговарајќи на новинарско прашање Серафимовски рече дека ќе биде отворен проблемот за моментално стопираните активности на градежниците.
- Ние како застапници на правата и на членовите кои се дел од Здружението сметаме дека треба некој да мисли и на оние фирми кои работат и егзистираат и луѓето кои земаат плата од тоа. На патот Кичево - Охрид работат три домашни фирми и над 1.000 вработени, а две на патот Штип - Миладиновци и 500 до 600 вработени, нагласи Серафимовски.
Во изминатите пет шест години, посочи, градежништвото има зголемен раст, фирмите имаат работа, се работи, се егзистира од градежништвото. Според него, тој нагорен тренд треба да продолжи и во иднина.
Ново на Сител
-
80 години Универзитетска библиотека Свети Климент Охридски
-
Службите кубурат со опрема и кадар
-
Општините немаат доволен број комунални инспектори, а слаба е и казнената политика
-
Преглед на вестите од светот
-
Мицкоски во вински саем во Белград - Средба Мицкоски со Вучиќ
-
ЈСП има нафта за 7 дена - Што потоа? Владата ќе набавува електрични автобуси
-
Тема на денот со Методи Хаџи Јанев, професор по безбедност
-
Мицкоски во Белград на средба со Вучиќ и Вучевиќ