Македонија
9. January 2017 - 12:57

Минатата година помалку сообраќајни несреќи во гостиварско

Минатата година во Гостивар и гостиварско регистрирани се вкупно 267 сообраќајни несреќи, односно 13 помалку во споредба со претходната 2015 година.

Според анализите на СВР Тетово, минатата година во 98 несреќи имало 186 телесно повредени лица, а во 159 била причинета само материјална штета. Лани во 10 несреќи животот го загубиле исто толку лица, додека во 2015 година бројот на загинатите изнесувал пет.

- Најголемиот број и од ланските сообраќајни несреќи се случиле на гостиварските улици, потоа на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, магистралата Гостивар-Кичево и околните регионални патишта, односно 150 во населено мето и 117 на отворен пат. Најчеста причина за несреќите и особено за оние со најтешки последици, повторно е неприлагодена брзина, односно пребрзо возење, а такви несреќи имало 77, изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Јосифоски нагласи дека лани, во редовни и акциски контролни активности на ова подрачје биле откриени 9.630 прекршоци, наспроти 4309 прекршоци од 2015 година.

Најголемиот број од прекршоците соодветно се санкционирани со изготвување на 5.154 мандатни и 4.476 прекршочни платни налози, како и со изготвување на 3.642 барања за прекршочна постапка, додека на 940 прекршители впишани им се негативни поени.