Македонија
3. October 2025 - 16:33

Милионски долг предизвика кавга меѓу директорот на ЈСП и приватните превозници

Приватните превозници од понеделник ќе возат само од 5 до 10 часот наутро, ако не добијат пари од ЈСП. Велат дека јавното сообраќајно претпријатие им должи над два и пол милиони евра, а од тие пари речиси милион и пол евра се веќе доспеани.

„Ние без пари не можеме да продолжиме да возиме. Ќе чекаме стрпливо до понеделник, ако има пари ние ќе продожиме да возиме, никогаш не сме правеле проблем за таа работа“ – изјави Јовица Зафировски, приватни превозници.

На прес-конференцијата дојде и директорот на ЈСП. Кушовски признава дека има долг, но според него се работи за сума од околу 970 илјади евра. На приватниците им рече дека не се коректни и тераат политика.

„Спрема приватните превозници се плаќаат долговите согласно нашите можности и во споредба од кога сум дојден јас, долгот се намалува“ – вели Драги Кушовски, директор на ЈСП.

Но, превозниците тврдат спротивно – долгот не се намалува, туку стои и се зголемува.

„Мене ми должиш уште 3 милиони за март. Кој месец сме сега? Како да возам? До тука сум по извршители“ – изјави Мемет Асани, приватни превозници.

„Плата за кој месец имаш земено? За септември. Jас за март земав. За кој месец ми даде пари? Заглавени сме и по пумпи и со кредити“ – изјави Влатко Тодоровски, приватни превозници.

Скопјани во последните неколку години постојано имаат проблеми со јавниот превоз. ЈСП нема доволно автобуси, граѓаните со часови чекаат по постојките, а кога доаѓа автобус нема место за да качат сите. Паралелно, приватниците постојано се жалат дека не им плаќаат според договорот и не можат да возат нормално.