Мицкоски: Владата подготвува мерки за поддршка на млекопроизводителите, ќе се заострат критериумите за увоз на млеко во прав

Владата веќе работи на измени на правилникот за увоз на млеко во прав и палмино масло, а паралелно се подготвуваат и мерки за намалување на залихите во млекарниците и за поддршка на домашните млекопроизводители, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата планира помош за секторот.
Според Мицкоски, актуелните проблеми во млекарството се резултат на претходни измени на регулативата со кои биле олеснети условите за увоз.
- Но, прво треба да го лоцираме виновникот, односно да го дијагностицираме проблемот. А проблемот е создаден уште пред неколку години од претходната влада, со измените на правилникот, со кои беа намалени критериумите за увоз на млеко во прав и палмино масло. Тоа е суштината. Оттаму потекнува ова што денес се случува - рече премиерот во одговор на прашање по денешната прес-конференција по потпишувањето на коалицискиот договор со Демократската партија на Турците.
Тој посочи дека моментно млекарниците располагаат со значителни залихи, што директно влијае врз откупот на сурово млеко од фармерите и врз откупните цени.
- Кај млекарниците има полни магацини со производи кои се произведуваат од преработено млеко. Тоа се одразува врз обемот на откуп на млеко од фармерите и, нормално, влијае врз цената, која се намалува - нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека состојбата не е карактеристична само за земјава, туку е присутна и во државите од регионот. Како дел од мерките, како што најави, Владата работи на воведување построги критериуми за увозот на млеко во прав и за економските оператори што го увезуваат, при што приоритет ќе биде заштитата на домашните производители.
- Со новиот правилник се воведуваат построги критериуми што се однесуваат на млекото во прав и на економските оператори што го увезуваат. Во периодот што следува, наш примарен интерес се домашните фармери, односно млекопроизводителите од нашата земја - истакна премиерот.
Мицкоски најави и активности за стимулирање договори меѓу млекопроизводителите и преработувачите, како и обезбедување средства од општествено одговорни компании за откуп на вишоците производи од магацините на млекарниците.
Воедно, тој потсети дека по завршувањето на ребалансот на Буџетот ќе следува исплата на субвенциите за 2025 година, нагласувајќи дека Владата работи на надминување на состојбите наследени од претходниот период.
- Нормално, по завршувањето на ребалансот на Буџетот ќе бидат исплатени и субвенциите за 2025 година. Само за потсетување, во 2024 година не беа исплатени субвенциите за 2023 година кога ние ја презедовме власта. Сега зборуваме за субвенции што ќе бидат исплатени за 2025 година, што значи дека процесот се одвива тековно - рече Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

Фејсбук недостапен за илјадници корисници ширум светот
-

Меси: Што и да се случи во финалето, Аргентина веќе напиша историја
-

ИЈЗ: Водата во Гостивар не треба да се користи за пиење ниту по превривање - миење заби, раце и храна со флаширана
-

Приведени тројца по претреси во скопскиот регион, пронајдени дрога, пиштол и куршуми
-

Обвинителство: Утре се очекуваат резултатите од испитувањата на водата од гостиварскиот водовод
-

Трамп: Загинувањето на американските војници е трагедија, новите напади врз Иран се казна за Револуционерната гарда
-

Киев повторно под жесток удар на руски балистички ракети, има загинати и повредени
-

Макрон му се заблагодари на Дешан за неговата работа со француската репрезентација
