Македонија
11. September 2024 - 12:35

Мицкоски: Тензиите околу црквата во Врапчиште се дел од обидите за дестабилизација

Тензиите околу црквата „Света Петка“ се еден од обидите за дестабилизација, вели премиерот. Вели, ваков тип на инциденти ќе има и во иднина. Проблемот го гледа во Законот за полиција, бидејќи поради него во Министерството за внатрешни работи не можеле да се направат промени во раководните структури.

-Ако се земе предвид и политичката проминенција и поддршката на градоначалникот во општина Врапчиште, но и сѐ уште раководната структура во ОВР Гостивар тогаш многу лесно може да се дојде до заклучокот дека ова е дел од оној фолклор кој се подготовува за обид за дестабилизација и етничка нетрпеливост. И ваков тип на инциденти во периодот кој што следи, ќе има, вели Мицкоски.

Ова доаѓа откако вчера полицијата го приведе Душко Павловски, кој се јавува како донатор за реставрирање на црквата „Света Петка“ која била запалена во воениот конфликт во 2001 година.

Според полицискиот извештај, по вчерашниот протест пред општина Врапчиште, градоначалникот Шабан Исени ги примил на разговор десетината луѓе.

Градоначалникот се согласил да ги прими, но со услов разговорот да не се снима со приватни телефони. Групата граѓани одбиле да го направат тоа и градоначалникот побарал да го напуштат објектот. Откако не го напуштиле, градоначалникот побарал од полициските службеници да го испразнат објектот, по што од страна на полициските службеници при ПС ОН Гостивар на групата граѓани им е дадена наредба да го напуштат објектот на општината, нешто кое Д.П. и уште едно лице одбиле да го направат и пружиле активен отпор на полициските службеници. Двете лица се приведени во просториите на ПС Гостивар и по извршен службен разговор со нив и направена консултација со јавен обвинител, истите се пуштени да си одат, велат од МВР.

Градоначалникот Исени вчера не сакаше да даде изјава за инцидентот на магистралниот пат помеѓу селата Врапчиште и Топлица. Рече дека Градежниот инспекторат на општината поднел пријава поради узурпација на државно земјиште.

Од Алијанса на Албанците со која раководи Зијадин Села, чиј кадар е Исени, вина гледаат во власта. Според партијата, залетот на ВМРО-ДПМНЕ да гради крстови и цркви во секое населено место без потребните дозволи и документација е еден од најопасните облици кои штетат на меѓуетничките односи.

-Откако градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани и општинскиот инспекторат ги прекинаа незаконските работи и узурпацијата на земјиштето кај црквата Галата, ВМРО мобилизираше милитанти од Гостивар и го блокираа објектот на општина Врапчиште, заканувајќи му се и загрозувајќи го градоначалникот. Дали е ова уште еден доказ дека Мицковски и неговите партнери сакаат сценарија за дестабилизација по секоја цена?, велат од Алијанса.

Донаторот заедно со 10-тина луѓе во саботата почнал да го расчистува теренот за да ја реставрира црквата. Но по пријава од општината, интевернирала полицијата и ги прекинала градежните работи. Јавното обвинителство испитува каква е статусот на објектот, но и на работите кои се извршувале.