Македонија
7. August 2021 - 12:27

Мицкоски: Системот не функционира, ВМРО-ДПМНЕ останува помеѓу народот и бара централно кризно тело од експерти и итна собраниска седница

Состојбата на терен е пресложена и пресериозна. Делови од Македонија се зафатени од сериозна огнена стихија, а народот е оставен сам на себе да се спасува кој како може, умее и знае. Имаме целосно, целосно потфрлање на системот кој нефункционира, истакнува денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Власта уште еднаш покажа во пракса дека Македонија не е на сите луѓе. Никој веќе не бара одговори, туку бара одговорност. Ова не е прес конференција да судам, ниту да давам квалификации за владиниот неморал. Сакам да испратам апел за целосна мобилизација на се што може да се мобилизира од институции, ресурси и човечки потенцијал и заеднички да се спротиставиме на огнениот пустош. Апелирам, човечки молам, владините институции да го прават тоа за што се платени, да му служат на народот. Граѓаните се исплашени и под притисок. Имаат чувство дека се оставени на цедило. Сакам да направам јасна разлика и да потенцирам дека народот, пожарникарите и службите кои се на терен и помагаат, ја имаат мојата помош и поддршка, но она што недостасува е отсуството на институционално раководење со тие сили, рече тој.

Затоа ќе посочам неколку работи:

ПРВО, 4 дена партијата ВМРО-ДПМНЕ е во целосна мобилизација. Сите раководства на општинските комитети ширум државата се на терен, Унијата на млади Сили, Унијата на жени, ветераните и сите останати му помагаат на народот, што со физичка сила, што со хуманитарни акции. ВМРО-ДПМНЕ од ова одлучи да не прави дневен пи-ар, никаков маркетинг, затоа што сакавме и сакаме искрено да помогнеме.

Така и ќе продолжиме. Ќе не има насекаде и ќе помагаме, затоа што народот знае дека ема никогаш да го оставиме сам кога веќе тоа го направи владата.

ВТОРО, апелирам да се формира централно кризно тело, а не ова што го има сега државата. Знам дека од Владата ќе одговорат дека веќе има такво, но тоа е далеку под просечно се справува со кризата. Колку животи и имоти треба да се уништат за да владата се уозбили и наместо циркузанти кои кршат керамиди со оваа деликатна работа да се зафатат стручни луѓе и тим од професионалци. Мора да се ангажираат најдобрите експерти и да се искористат најдобрите човечки потенцијали.

ТРЕТО, повикувам во најкус можен рок и Собранието да заседава на посебна собраниска седница каде ќе се разгледува точка со информација за последните случувања со пожарите во Македонија. Мора јавно да се изнесат слабостите за да се најдат решенијата.

Недозволиво и во најмала рака невкусни се коментарите кои ги даваат институциите „ако видите пожар, оставете да гори, Владата ќе ви плати“. Јасно е дека Владата е неспособна, и таа треба час поскоро да замине.

Сосема на крај, сакам да одговорам на измислиците и учтиво кажано невистините кои провладините платеници ги шират.

Истите тие ја обвинуваат опозицијата дека политизирала и дека сме се обидувале политички да профитираме па дури и ме нарекоа мене пироман, додуша политички. Згрозен сум од нивото на речникот што се користи од директните владини платеници но и тие кои се индиректни владини платеници, циркузанти и изманици кои имаат задача да го одвлечат вниманието на народот од вистинските проблеми.

ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија, а вистинската улога на опозицијата е кога институциите не реагираат и никој со прст не мрда, да алармираме и колку може да помогнеме, а доколку грижата за луѓето и нивниот крваво заработен имот е политизирање, тогаш нека биде така, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде со народот.

Понатаму, нема да останам ниту рамнодушен на оние странични монструозни лаги кои доаѓаат од еден ист центар, СДСМ, дека опозицијата распалувала пожари. Останувам згрозен како човек и со чувство на гадење гледам на злобата на власта што е доказ само за тоа колку се неспособни да делуваат и помагаат за сметка на тоа колку се способни да лажат и измислуваат. Ги жалам таквите ликови.

ЧЕТВРТО и не помалку важно, денес ќе бидам во Пијанец и Малешевијата, колку е тоа потребно толку време и ќе останеме таму.