Македонија
11. July 2024 - 16:41

Мицкоски: Сакаме да бидеме добри соседи, но не со свиткана кичма

Сакаме да соработуваме и да бидеме добри соседи, но времето на свиткани кичми помина. По средбата со бугарскиот колега на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон, македонскиот премиер вели дека Македонија не сака да биде заложник на минатото. 

Бугарскиот премиер вчера потврди дека со Мицкоски се согласиле дека треба да се релаксираат односите меѓу двете земји но дека за Македонија, остануваат обврските за внесување на Бугарите во Уставот. 

Од СДСМ утрово го прашаа Мицкоски дали на неговиот бугарски колега му ги претставил барањата за промена на преговарачката рамка. Учеството на НАТО самитот го оценика како неуспешно

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ требаше да го искористат самитот за зајакнување на македонските позиции во однос на Бугарија и Грција, но и други важни средби.

Засега се што добивме се многу насмеани селфи фотографии од министрите, една веќе постоечка инвестиција и никаков успех на дипломатски план.

ВМРО-ДПМНЕ секој ден покажува дека ништо од ветеното не планира да реализира ниту има капацитет за тоа“ – се вели во соопштението на СДСМ

Мицкоски на социјалните мрежи објави дека имал средба и со Рама на која се договориле дека Македонија и Албанија треба да се фокусираат на точките кои ги спојуваат. Средба со Мицотакис не се случи но Премиерот останува популарен во Грција каде локалните медиуми бројат колку пати во неговите изјави го користел името Македонија.