Македонија
29. December 2019 - 14:15

Мицкоски: Оние кои се огрешиле спрема законот се плашат од професионалец

Поставувањето врвен професионалец на чело на МВР без ниту една дамка во кариерата не е природна средина за челниците на власта. Наместо ова да биде правило во нормална држава, ваквиот предлог се доживува за исклучок и затоа е голем отпорот во власта. На Македонија насушно и се потребни професионалци кои оваа влада сега ги става на маргините, наместо да им даде шанса да ги преземат работите во свои раце, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако нивниот предлог – полковникот во Армијата Драган Ковачки да биде технички министер за внатрешни работи вчера беше спорен за Владата.

Изнесувајќи став на својот фејсбук-профил, Мицкоски пишува дека „фактите говорат оти оние кои се огрешиле спрема законот се плашат од професионалец кој ќе ги открие, разобличи и ќе се бори против нив“.

– Заев и СДСМ очекува решение за човек кој мислат дека ќе го држат во рака за да продолжат со нивните комбинации. А ние со ваков предлог сакаме да направиме дисконтинуитет во хаосот кој Заев и Спасовски со лошото менаџирање во МВР го создаде во државата, дисконтинуитет на рекетите под државна капа, клановите блиски до власта кои спроведуваат криминал, дисконтинуитет на бандитизмот кој се шири низ улиците, заплените автомобили, дрогата која е на секој чекор. И ВМРО не отстапува од борбата против сето ова. Она што ми е поважно од тоа да се избере решение кое ќе му се допадне на Заев, е да се бори против криминалците и да и служи на Македонија, напиша Мицкоски.

Тој им се заблагодарува на сите кои се јавиле со поддршка за нивниот пристап за решение кое, како што вели, е без ниту една црна дамка. Тоа го охрабрува, наведува Мицкоски, да продолжат со  заложбата за борба „против корупцијата, криминалот и мафијата која е спрега на политика“.

– ВМРО-ДПМНЕ, и јас како нејзин претседател, верува во професионалците кои се дел од нашите институции, во чесните луѓе кои се разочарани од оние кои гледаат на политиката низ призма на само личен интерес и воедно имаат надеж дека доаѓаат луѓе кои ќе се борат за да сето ова го променат и да вратат ред и поредок во државата. Тоа се храбри луѓе кои ќе бидат мобилизирани и затоа стравот кај многумина од овие криминални структури е очигледен. Токму затоа е и нашиот предлог за технички министер, бидејќи тој човек ќе работи со тие професионалци и храбри луѓе кои не се плашат, и ја сакаат Македонија затоа што немаат резервна држава и се надвор од клановските врски меѓу подземјето и политиката, напиша Мицкоски и ја повикува власта, како што вели – „да не ги одложува работите, кочењето на професионалец за МВР, нема да го избегне неминовниот пораз, туку ќе го зголеми“.