Македонија
21. November 2025 - 16:42

Мицкоски од Тирана: Планот за раст е повеќе од иницијатива, тој е заложба за вистинска промена

Македонија очекува оценувањето од страна на ЕУ да се темели исклучиво на реализирани реформи, а не на билатерални блокади, порача премиерот Мицкоски на Самитот на Лидери во Тирана каде се прави евалуација за исполнетите чекори од Планот за раст. Премиерот и испрати порака на Унијата дека Македонија исполнува, а реформите се случуваат не затоа што тоа се бара од нас, туку затоа што веруваме во европската идеја. До крајот на годината најави исполнување на 10 од 12 чекори за кои истекува рокот за спроведување. 

Токму главните забелешки на Брисел на Самитот во Тирана беа насочени кон неисполнување на чекорите од планот за раст. еврокомесарката Кос вели дека амбицијата на Планот е сите земји-кандидатки од Западен Балкан да напредуваат синхронизирано. Европскиот дом ве чека, вие сте веќе дел од Европа, но само треба институционално да станете дел од ЕУ, порача Кос.

Земјите од регионот секојдневно покажуваат подготвеност за влез во ЕУ и не молиме за услуги, порача албанскиот премиер Рама. И испрати порака на Европа дека ако Западен Балкан стагнира тогаш и Унијата е послаба.

Лидерите на шесте земји од Западен Балкан во Тирана на заедничка маса со еврокомесарката Марта Кос ги презентираа своите исполнети обврски, но и задачите кои преостануваат.