Бизнис
11. јуни 2024 - 16:36

Мицкоски најави нов ветропарк за производство на струја

Мандатарот Христијан Мицкоски ја најави првата странска инвестиција во енергетиката што ќе ја реализира новата влада предводена од него - нов ветропарк помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш за производство на електрична енергија. Според најавите, ќе произведува дури 20% од целокупното производство на струја во Македонија. Во своето обраќање на македонскиот енергетски форум, Мицкоски кажа дека се планира и промена на начинот на греење на 600 јавни објекти кои се уште користат фосилно гориво и загадуваат.

Очекуваме први странски директни инвестиции во земјата со новата влада тоа ќе е објавено и со фокус на секторот енергетика со фокус на инсталирање на нова ветерна фарма што ќе биде во источниот дел од земјата помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш, три општини на истокот и ќе биде голема инвестиција колку што сум информиран и со податоците со кои располагам во моментов се предвидува производство на електрична енергија приближно еден терават час што е еден милион мегават часови што е приближно 20% од целокупното производство на електрична енергија во земјава. Има истражување што идентификуваше повеќе од 600 јавни објекти што користат фосилни горива за греење. Планираме да инвестираме за енергетската ефикасност на тие објекти и сакаме да се заменат изворите за греење на тие објекти. Да не користат фосилни горива, туку нешто кое ќе биде енергетски ефикасно“ – Христијан Мицкоски, мандатар за состав на Влада

Мицкоски истакна дека најголем приоритет во иднина ќе биде да се реорганизира нашиот пазар на електрична енергија, па наместо да увезуваме, да извезуваме струја. 

Според него, од исклучително значење е и владеењето на правото, оти без него нема развој.

Како нова влада ќе истражиме што се случувало во минатото. Лично ќе се фокусирам на тоа бидејќи треба да запреме со овој процес на грабеж на земјата, ако сакаме оваа земја да се равива“ – Христијан Мицкоски, мандатар за состав на Влада

На настанот свое обраќање имаше и американската амбасадорка Агелер. Таа кажа дека енергетската сигурност и зелената енергија се двата приоритета кои треба да ги надминат партиските политики.

Евроамбасадорот Гир, пак, истакна дека земјава има огромен потенцијал кој треба да го искористи.

Вистински предизвици претстојат. Безбедна енергетска иднина изискува дополнителни иновации и напредок на бројни проекти, вклучувајќи и завршување на грчко-македонскиот гасовод. Овој извор на природен гас ќе ги елиминира зависноста од Русија, како и заканите на одредени прекини во снабдување со гас“ – Анџела Агелер, амбасадор на САД во Македонија

С. Македонија е обдарена со многу природни ресурси како ветер, вода и сонце. Има одличен потенцијал да може да ги негува овие обновливи извори. Па да се види дека секоја година имаме се повеќе примена на ваквите извори е одлично“ – Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Македонија

Македонскиот енергетски форум е врвен настан во енергетската индустрија, кој ги обединува иноваторите и водечките експерти на дебати за најновите случувања во енергетиката.