Македонија
3. May 2022 - 21:16

Мицкоски најави блокада на Собранието ако нема дијалог за предвремени избори

Преку институционална блокада до провокација за предвремени парламентарни избори. ВМРО ДПМНЕ најавува парализирање на Собранието и кочење на законите, во обид да се спротистави на, како што велат, штетните политики на Владата предводена од СДСМ.

Овој чекор ќе биде предложен на утрешниот Извршен комитет на партијата, информираше лидерот на партијата Христијан Мицкоски го гостувањето на ТВ Сител.

Првиот човек на ВМРО ДПМНЕ ја критикуваше владата и во однос на преговорите кои се водат со Бугарија. Се преговара за нашиот идентитет, а ние немаме никаква информација, вели Мицкоски.

Предвидува три сценарија во јуни, во кои Македонија секако нема да ги почне преговорите, а го соопшти и официјалниот став на партијата за внес на македонските бугари во Уставот.

Среде криза Мицкоски најавува нови блокади на државата, а СДСМ со граѓаните тоа нема да го дозволи, реагираа од владејачката партија.

„Во услови на криза кога на граѓаните им треба функционално Собрание кое ќе носи закони во интерес токму на најважните, граѓаните, Мицкоски решава да го блокира. Очигледно решил по деструкција и пакост да го надмине и неговиот шеф Груевски. Или токму ова е насоката на Груевски којашто ја спроведува. Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни сорабтници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата се само дел од десетиците закони во интерес на граѓаните кои ВМРО-ДПМНЕ ги блокира во Собранието. Ништо друго и не се очекуваше од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тие продолжуваат во ист стил, со иста цел - блокада на државата”, велат вечерва од СДСМ.