Мицкоски на средби со дијаспората во САД
Македонската Влада останува фокусирана на одржување блиски врски со Македонците надвор од Македонија. Со средба со дијаспората во Њу Џерси премиерот ја продолжи работната посета на САД. На иселениците им порача дека новата генерација на политичари ќе направи се што може за да врати колку што е можно повеќе Македонци во својата татковина.
Мицкоски во Њу Џерси допатува од Вашингтон каде присуствуваше на церемониите за инаугурација на американскиот претседател Трамп. Како што информираше Владата тој остварил серија средби со високо позиционирани луѓе во американскиот бизнис и политика кои очекува да придонесат за нови инвестиции и зацврстување на односите меѓу земјава и новата американска администрација.
Од опозицијата велат дека Мицкоски бил само дел од толпа на митинг во САД обвинувајќи дека станува збор за скапо платената ПР фарса без никаков бенефит за државата.
,,Наместо сериозни средби со светски лидери или високи дипломати, добивме фотографии од хотелски лобија, ракувања „на нога“ со новинари и неколку бизнисмени од кои повеќето само пред два месеци беа тука кај нас. Ова патување не донесе ниту еден конкретен бенефит за државата, а јавноста со право прашува: колку чини овој спектакл и што добија граѓаните за возврат?“ – се вели во соопштението на СДСМ.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар