Mицкоски: Градинките и училиштата ни се приоритет, наместо платите на судиите и обвинителите
Премиерот Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања најави дека дел од реформите ќе бидат завршени до крајот на годината, а остатокот во првите три месеци од 2025, со цел како што рече државата да го фати чекорот со европските процеси.
Мицкоски повторно нагласи дека Владата не може да се согласи со барањето за зголемување на примањата во судството, приоритет им се рече инвестиции во градинките и училиштата.
- Ако се жалат со 3,4 илјади евра месечно, тогаш како им е на дечињата во градинка кои немаат играчки за играње. Тој е буџетот. Го украле, останале малку пари, тоа што останало ние се трудиме да го менаџираме како што треба, изјави Мицкоски.
Мицкоски порача дека Владата нема да ја либерализира целосно цената на електричната енергија за домаќинствата, бидејќи тоа би донело поскапување од 30 до 35 проценти и би предизвикало инфлациски притисок.
Владата ќе продолжи да ги субвенционира сметките за струја. До крајот на годината премиерот смета дека може да се постигне политички консензус за измените во Избориот законик кои треба да бидат усогласени со препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Следен чекор кој поминал на владина процедура е новиот закон за Судски совет.
На оваа седница, министерот за транспорт соопшти дека Владата обезбедила 21 милион евра од ЕБОР за набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, со што до 2028 година ќе може целосно да се опслужува карго превозот во земјата. Дополнително, рече дека Македонски железници се пред договор со Австриските железници, кој ќе овозможи македонски локомотиви да сообраќаат на карго рутата од Пиреа до Виена.
Последната седница за пратенички прашања ќе биде одржана пред Нова година.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
