Македонија
20. April 2023 - 14:08

Мицкоски: Договорот со „Бехтел и Енка“ ја става Македонија во подредена улога

Договорот за коридорите 8 и 10д не е историски проект, туку должничко ропство во кое Владата на ДУИ и СДСМ ја туркаат државата, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додавајќи дека се уште нема демант, ниту пак потврда за она што го изнел вчера.

- Ова е историска „пљачка“ и должничко ропство во кое што Владата на ДУИ поддржана од малцинскиот партнер СДСМ ја турка Македонија. Тоа е многу важно. Тоа треба цела јавност да го знае, затоа што оние 1,3 милијарда, нема да бидат 1,3, туку многу лесно ќе дојдат можеби повеќе од двојно од таа сума, затоа што ние во текот на вчерашниот ден кажавме дека преку свиркачи добивме верзија на договорот и тие свиркачи тврдат дека е онаа верзија која што ја потпишала Владата со компаниите изведувачи, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема „апсолутно ништо против компаниите коишто успеале вака да сработат еден договор со Владата“, но, според него, проблемот е во Владата „која што ја става Македонија во подредена улога“.

- Лага е дека мнозинството работници ќе бидат од Македонија. Не е точно. Работниците од Македонија ќе бидат малцинство и тие дали ќе успеат да ги најдат, тоа е под еден. Под два, објавивме документи коишто се содржани во договорот, со кои се бара, иако се свесни дека е антиуставно, продолжување на работната недела од 40 на 60 работни часови. Исто така, објавивме дека потпишале договор во којшто при евентуален спор не е важечко македонското законодавство, туку е важечко некое друго законодавство во случајот на Англија и Велс, кое што по самата своја суштина е различно. Македонското законодавство спаѓа во групата на т.н. континентални закони, додека пак, законодавството на Англија и Велс спаѓа во групата на англосаксонски модели на закони - сосема поинаков е пристапот. Нема деманти. Ова е неверојатно нешто што се случува. Нема од Владата демант или потврда дали е ова така, рече Мицкоски.

Тој тврди дека компанијата изведувач ќе проектира, а граѓаните ќе го плаќаат тоа што ќе биде погрешно преку ЈПДП.

Мицкоски најави дека во периодот што следува ВМРО-ДПМНЕ ќе објавува детали во јавноста „од оваа верзија на договорот“, што им е доставена од свиркачи и за која тврди дека е потпишаната. 

- Ќе се занимаваме и со цените, но и со оние цени коишто во договорот се ставени како дека допрва ќе се дефинираат и ние имаме основано сомневање дека тоа најмалку двојно ќе го зголеми буџетот којшто претходно Димитар Ковачевски и останатите околу него го презентираа во јавноста. За ова ќе има одговорност, рече Мицкоски по промоцијата на книгата „Дали е социјализмот можен“ од Александар Грличков во Социјалистичката партија на Македонија.

Запрашан „дали сме поблиску до избори отколку до уставни измени“, имајќи ги предвид активностите на терен на политичките партии, Мицкоски изјави дека во ВМРО-ДПМНЕ се секогаш подготвени за избори.  

- Ние сме и партија и коалиција која што е дел од народот и ние сме континуирано на терен и до народот. Ние сме подготвени за избори веднаш, само очигледно дека стравот и кукавичлукот во Владата на ДУИ поддржана од малцинскиот партнер од СДСМ е голем, се плашат од народот. Тие бегаат, се плашат да достават до Парламент иницијатива, се плашат да го покажат во јавноста договорот, се плашат бегаат од избори, рече Мицкоски.