Македонија
10. August 2019 - 10:07

Мицкоски: Ако веќе првите луѓе на власта се криминалци, молкот на заспаното обвинителство и судство кажува дека се нивни најверни слуги

„Јас сум чесен човек, и имам свое достоинство...“, став на г. Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ во врска со најновата објава за случајот „Рекет“.

Беше тоа во еден прозаичен момент кажано, колку народот да поверува во чесноста и напатеноста на Зоран Заев, со една егзалтирачка смиреност и со рака ставена на срце, само како што тој знае. Претходно не уверуваше дека е дојден на оваа позиција затоа што има повисока цел, во случај некој да се поколеба и случајно да помисли дека се бори за премиер поради бизнисите и фирмите на семејството. Ова го споменувам не со намера да си поиграм со неговите чувства, туку да ги прикажам во вистинско светло лагите со кои се опслужува неговото работење.

Но сега да ги оставиме на страна маските кои Заев си ги менува по потреба, да се фокусираме на реалноста. А таа е дека како на тацна имаме сервиран криминален октопод, разголен и размонтиран речиси до последната ќелија.

Главната закана и пречка за правдата во Македонија е токму врхушката на власт од која тој криминален октопод со сите негови учесници од првиот до последниот ја наоѓа својата сила. Ако веќе првите луѓе на власта се криминалци, молкот на заспаното обвинителство и судство кажува дека се нивни најверни слуги. Сега е јасен отпорот на Заев за реформите во обвинителството, јасни се и притисоците кон газдите на медиумите кои под дамаклов меч на  партизираното судство и обвинителство мора да известуваат за работата на владата, а секоја критика мора да биде дозирана, иако голем дел од медиумите покажуваат пркост достојна за почит.

Никој не верува во оние алиби соопштенија на владата, ниту пак во правдањата на компромитираното СЈО, а уште помалку на оние правдачки и помалку комични настапи на злоупотребеното момче портпарол. Вистината е дека владата под маската за борба против криминал создаде и штити криминал. 

Таквото толерирање на криминал веќе прераснува и во навреда на интелигенцијата на граѓаните. Симплифицирано ова би значело, Катица, која е пуленот на Заев, треба да почекаме да се врати од „боледувањето“; кое случајно го врви на море кај јужниот сосед, со надеж дека можеби и ќе залади за да се одоброволи да даде изјава за нејзиното учество во милионскиот рекет. 

Кики и Фрики се заштитените светињи, не затоа што се невини, туку затоа што блиску до врхушката на власт, а Заев ако треба и би жртвувал по некој само за да се спаси себе си. Знаеме дека ова не е изолиран случај, туку случајот Рекет е само камче од системот на криминал и корупција кој владее во Република Македонија. На површина ќе излезат и заканите кон многу други луѓе кои оваа власт ги правеше. Но главното прашање е што добија граѓаните од сето ова?

Упропастена надеж, изгубена верба, разочарување и стагнација. Македонија е трета година под власт на Заев, а е секој ден се подалеку од портите на ЕУ. Сега е совршено јасно зошто нема датум за преговори, затоа што во ЕУ првите луѓе на владите не произведуваат криминал, тие се борат против него. Алармантна е состојбата во економијата, здравството, образованието, странските инвестиции, енергетиката, јавните финансии. Паричниците на Заевци се  пополни, но на граѓаните се попразни. Одговорот лежи во смена на оваа власт. И тоа не смена само поради смена, туку промена поради обнова на Македонија. На почетокот споменав две работи од изјавите на Заев, првата е јасно дека човекот не е чесен, во куфер политика нема чесност и втората околу достоинството, не верувам дека знае што е тоа достоинство. Затоа што тој истиот тргуваше со достоинството на цела држава. Името, идентитетот, рекетот, крвавите тендери, плантажите со марихуана, распродажбата на нашите херои....сето ова не го прави човек со достоинство.

Андриќ ќе напише, мирот и спокојот, се единственото богатство и најголемо достоинство за скромните и без временски луѓе. Заев со своите дела нема да има ниту мир, ниту спокој. Затоа што се во животот е бумеранг, или како што нашиот народ ќе рече тоа што ќе посееш, тоа ќе ожнееш.