МФ: „Стандард и Пурс“ повторно го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Република Северна Македонија
Република Северна Македонија продолжува да расте и во текот на 2019 година движена од растот на потрошувачката и инвестициите, соопшти Министерството за финансии пренесувајќи ја оценката на Агенцијата „Стандард и Пурс“ дека нашата земја повторно го потврди кредитниот рејтинг ББ-, со стабилен изглед.
Агенцијата проектира просечeн економски раст од околу 3 проценти до 2022 година, поддржан од зајакнувањето на институционалните капацитети во рамки на процесот на пристапување во ЕУ. Буџетскиот дефицит се очекува да биде просечно околу 2,5 отсто во периодот по 2019 година. Агенцијата го оценува јавниот долг како умерен во глобален контекст и оценува дека иако долгот ќе расте до 2022 година, понатаму ќе се стабилизира на ниво од околу 45 проценти.
Од Министерството за финансии посочуваат дека “Стандард и Пурс“ очекува во следните месеци да отпочнат преговорите за членство во ЕУ, што би влијаело на забрзување на реформите и подобрување на институционалниот капацитет на нашата земја.
Според Агенцијата, подобрување на кредитниот рејтинг може да следи со навременото имплементирање на реформите, зајакнување на институционалната поставеност и подобрување на економските перспективи. Од друга страна, враќањето на политичките тензии или забавувањето на темпото на реформи, можат негативно да се одразат врз кредитниот рејтинг.
Покрај денешната потврда на кредитниот рејтинг од “Стандард и Пурс“, Државниот завод за статистика вчера објави податоци за економскиот раст во втор квартал 2019 година кој изнесува 3,1 процент, со што во првата половина од годината економијата забележа раст од 3,6 проценти. Во вториот квартал од 2019 година, реалниот раст на бруто-инвестициите продолжи со посилен интензитет и изнесува 11,1 отсто.
Од Народната банка на Република Северна Македонија информираат дека во извештајот, одделно внимание ѝ е посветено на монетарната политика, со фокус на стабилноста на домашната валута и нивото на девизните резерви, како и на стабилноста на банкарскиот систем.
-Меѓу другото, „Стандард и Пурс“ повторно наведе дека мерките на Народната банка, како што е пониската задолжителна резерва за обврските на банките деноминирани во денари, придонесуваат за намалување на вкупната евроизација во земјата, којашто воедно е и пониска споредено содругите економии во регионот. „Стандард и Пурс“ одделно се осврна и на девизните резерви, коишто во текот на оваа година бележат раст, во најголема мера како одраз на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, посочуваат од НБ.
Според нив, во извештајот посебен акцент е ставен на банкарскиот систем, со нагласок дека тој е стабилен, ликвиден и добро капитализиран, со ниско ниво на нефункционални пласмани, а дека неговите активности главно се финансирани преку домашните депозити. „Стандард и Пурс“ даде позитивни оцени и за кредитниот пазар во нашата земја, забележувајќи дека и покрај тоа што поголем дел од кредитирањето е насочено кон населението, во последниот период се забележува поголема активност и на сегментот на корпоративното кредитирање.
Ново на Сител
-
Српскиот премиер тврди дека сите што се виновни за падот на настрешницата ќе бидат кривично гонети
-
Вардар подобар од Алкалоид во дербито на ракометната Суперлига
-
Слот израмни рекорд во Премиер лигата
-
Скопје 10-ти најзагаден град во светот и втор во Европа
-
Министерот Муцунски ќе учествува на конференцијата „Медитерански дијалог“ во Рим
-
Дел Пјеро може да се кандидира за претседател на Италијанската фудбалска федерација
-
Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025
-
Младост 96 есенски шампион во пингпонгарската Суперлига